Вежба за личен развој: третирајте се себе си како свој најдобар пријател

Кога работите во животот не одат според вашиот план, обидете се да градите однос кон себе како кон добар пријател/ка и следете ги резултатите на ваквиот пристап. Колку повеќе вежбате да се однесувате на овој начин кон себе си, толку поприродна ќе ви стане оваа навика.

Инструкции за вежбата:

Прв чекор – Потсетете се на период или ситуација кога ваш најблизок пријател/ка минувал/а низ болка, тага или животна непријатност. Запишете ги сите нешта кои би ги направиле и кажале на него/неа и забележете го тонот на гласот со кој би го направиле тоа.

  • Ситуацијата во која се наоѓа пријателот/ката:

  • Вашиот одговор:

Втор чекор – Потсетете се на период и ситуација кога вие сте се бореле. Можеби токму во моментов има нешто во вашиот живот поради кое не се чувствувате добро? Запишете што сѐ би направиле и кажале на себе си, и со каков тон на гласот би го правиле тоа.

  • Вашата ситуација:

  • Вашиот одговор:

Трет чекор – Запишете ја разликата помеѓу тоа како се поставувате кон својот најдобар пријател/ка, а како кон себе си? Ако постои значајна разлика, запрашајте се зошто е тоа така и запишете што ве води да се однесувате кон себе си другите на толку различен начин.

Четврт чекор – Најпосле, запишете како можеле да се променат нештата ако се однесувате кон себе си како што се однесувате кон свој најдобар пријател.

Целта на вежбата: преку оваа вежба се освестува дискрепанцата која постои меѓу нашиот однос кон себе си и кон другите. Исто така, преку неа се вежба сочувство кон себе си, како и однос кон себе кој не е ниту себецентричен и нарцисоиден, ниту пак води кон себе повлекување и самопонижување.

Учењето на здрава самоподдршка е вештина која е од исклучително значење за субјективната добросотојба.

За кого е наменета психотерапијата?

(0) za kogo-e-nameneta-psihoterapijata-sinteza.mk

Ако се водиме според статистиката на менталните нарушувања, приближно 1 од 5 лица треба да побара помош од професионалец за ментално здравје. Но ако се водиме од прашањето кој може да има корист од психотерапијата, тогаш бројот е многу поголем.

Ако една од главните цели на терапијата е развој и создавање можности за позитивни промени, тогаш – кој нема потреба од терапија?

Многу луѓе не се борат со сериозни ментални нарушувања, а дел и се активно насочени кон својот личен развој, мотивација и постигнувања. Овде, станува збор за консултирањето психолог во насока на личен развој, најчесто поради следните причини:

  • Барање начин и мотивација за поголема продуктивност и задоволство во работата
  • Потреба од подобрување на комуникацијата и продлабочување на релациите преку емпатија, искреност и посветеност
  • Учење пристап кон неизбежните конфилти како на можност за развој, преку негување асертивност
  • Барање поддршка во процес на минување низ промена (нова работа, нова врска итн.)
  • Поттикнување на автентичноста и себе-изразувањето
  • Проширување на свеснота за себе и воспоставување  исполнувачки контакт со околината

Други луѓе се афектирани од посериозни ментални нарушувања и водат тешки емоционални борби. За нив терапијата е минимумот кој може да им помогне во справувањето со особено тешкото секојдневие. Во овој случај, луѓето може да побараат помош од психолог-терапевт поради:

  • Преоптовареност од негативни мисли и чувства
  • Долготрајно чувство на тага и безнадежност
  • Неможност да се извршуваат секојдневните обврски и задолженија
  • Постојана загриженост, очекување сами на најлош исход и чувство – како да се биде на раб
  • Конзумирање алкохол и дроги на начин на кој е штетен за себе и околината
  • Избувливост, губење контрола и (порив за) агресивни испади…

Поголемиот дел од нас се наоѓаат негде меѓу овие две екстреми. Во тој случај, може да не побараме психолог – терапевт, но доколку го сториме тоа, може да подобриме многу аспекти од нашето живеење:

  • Разбирање како начинот на нашето размислување е поврзан со расположението и емоциите
  • Преиспитување и појаснување на нашите верувања, вредности и стратегии за тоа како најефикасно да стигнеме до посакуваната промена
  • Учење да се комуницира директно и асертивно во врските и реалциите
  • Подобрување на самодовербата – општа и специфична (социјална, интимна..)
  • Носење одлука за некоја значајна промена (развод, преселба итн.)
  • Учење техники за воспитание и родителство
  • Справување со загуба

Зошто секој може да има корист од психотерапијата и психолошкото советување?

Секој има стресори во својот живот, а терапијата нуди можност да разговарате за било кој од нив или за сите. Терапевтот во никој случај нема да ве исмева, критикува или да му досади од вашето зборување (доколку ова е случај, треба да го промените терапевтот). Буквално, нивната работа е да ве слушаат, да се грижат за вашата психичка состојба и да ве водат до промената која ја посакувате.

Може да зборувате за секоја тема што ве загрижува, да се извентилирате за проблемите на работа, да ги подобрите односите со родителите, да го организирате подобро своето секојдневие, да направите план за постигнување на своите кариерни цели, да ја пронајдете својата пасија и да се мотивирате да ги развивате своите таленти, да ги подобрите родитлските вештини, да работите на вашата состојба на анксиозност или депресија, да оттагувате некоја загуба.. и многу повеќе.

И не, психотерапијата не е магично стапче, но процесот може да биде магичен!