Петфакторски модел на личност (Big Five Model)

Петфакторски модел на личност

Петфакторскиот модел на личноста се издвојува како модел со научно најцврста валидност и релијабилност. Тој опишува 5 значајни димензии на личноста:

Екстроверзија / Интроверзија: за лицата со висок степен на екстроверзија специфично е што се отворени кон различни доживувања во контакт со околината, често се пријателски настроени и лесно воспоставуваат релации. Со нивната тенденција да бидат опкружени со луѓе, често се во некакви акции, движања и во потрага кон нови возбуди и надворешни стимулации. Вообичаено се топли и сочувствителни во односите со луѓето. Спротивно на нив, лицата кои се интровертни, преферираат повеќе време да поминуваат со себе, отколку инволвирани во надворешниот свет. За нив, поголема стимулација е интересот кон внатрешните теми отколку надворешните случувања.

Невротицизам / Емотивна стабилност: луѓето кои имаат висок степен на невротицизам имаат поголема веројатност да страдаат од анксиозност и депресија. Често се оптеретени од чувство на страв, загриженост и внатрешен немир. Кај нив, нагласено е чувството на инфериорност, срам и непријатност во контактите со другите. Специфично е што имаат низок праг на толеранција на стрес, тешко ги контролираат импулсите и лесно се фрустрираат. Лицата пак кои имаат поголема емотивна стабилност, не ги дестабилизираат во голема мера животните промени и незивесноста. Лесно стапуваат во контакт со другите и за нив поспецифична е состојбата на внатрешен мир и сталоженост во односот со околината.

Отвореност кон искуства / Затвореност кон искуства: личностите кои имаат високо ниво на отвореност, се креативни, љубопитни, трагаат постојано по нови идеи и искуства, и имаат неконвенционален пристап кон нештата. Наклонети се кон естетика, односно кон убавото и уметноста.  Тие имаат богат внатрешен свет и висока имагинативност. Оние пак кои се затворени кон искуствата се порезервирани во пристапот кон новините. За нив исто така е специфична конзервативноста во размислувањето и неотстапување од поставените норми.

Совесност / Несовесност: високиот степен на совесност кај луѓето се поврзува со висока амбициозност, посветеност, истрајност, потреба за ред и контрола, организираност и интринзична (внатрешна) мотивираност во однесувањето и постигнувањата. Личностите кои се совесни, се ориентирани кон цели, компетентни се и имаат чувство за сопствена ефиксност. Често се водени од чувство на должност и се придржуваат кон правила, принципи и морални вредности. Доколку личноста има низок степен на совесност, поверојатно е да биде мрзелива, неорганизирана и да ги одложува обврските и плановите.

Согласност/ Несогласност: луѓето кои пројавуваат висок степен на соработливост, вообичаено се емпатични, доверливи, љубезни и често ги ставаат потребите на другите луѓе пред своите потреби. Тие поаѓаат од верувањето дека другите луѓе се чесни и добронамерни и дека треба несебично да даваат и да служат во корист на другите. Имаат низок степен на агресија и ретко се конфронтират. Во своето однесуање се благи, скромни и умерени. Лицата за кои е специфична несогласноста, полесно кажуваат „Не“ на околината, го застапуваат своетото мислење и потешко прават компромиси со другите.

Секоја од овие црти или димензии, покрај силни, има и слаби страни, особено ако се екстремно изразени

Екстремно социјалните, екстровертни луѓе може да бидат доминантни и импулсивни, додека тивките, интроверни луѓе, може лесно да влезат во изолација и депресија. Екстремно отворените луѓе може бидат расејани и преплавени од сопствените идеи и креативност, додека затворените кон искуство личности може да станат нефлексибилни и тесногледи. Екстремно совесните луѓе може да станат опсесивни за ред, да осудуваат и бидат ригидни, додека нивен поларитет може да бидат луѓето кои се несмасни, недисциплинирани и негрижливи. Лицата кои имаат многу висока емоционална стабилности (ниска невротичност) може да влегуваат во опасности и ризични однесувања, додека лицата со многу високо ниво на невротичност може да станат преокупирани со анксиозност и болка, која може да им ја наруши функционалноста. Лицата кои имаат екстремно висока согласност може никогаш да не застанат зад себе, додека оние кои се високо асертивни може да станат агресивни, груби и вербално насилни.

За надминување на слабите страни, како и jакнење и ставање во функција на силните страни, може да се употребат психотерапијата и коучингот како алатки со кои се работи на унапредување на личноста и нејзиниот квалитет на живеење.

Анксиозност: што претставува и како се третира?

(0) anksioznost-shto-pretstavuva-i-kako-se-tretira-sinteza.mk

Анксиозност (лат. „anxius“- загриженост) е психичка состојба за која е карактеристично јавувањето на чувства на мачнина, тежина, уплашеност, непријатност, вознемиреност, страв до степен на паника, психомоторна напнатост и внатрешен немир. За анксиозноста, исто така, е специфично што најчесто е немотивирана и не е поврзана со некој конкретен објект, настан или личност.

Кои се симптомите на акнскиозноста?

Анксиозноста физички се манифестира преку: забрзана работа на срцето, хипертензија, забрзано и плитко дишење, тремор, гастроинтестинални нарушувања, мускулна напнатост, губење на здив и чувство на гушење, болка во градите, вцрвенување и потење, чувство на слабост итн.

Психичките знаци за состојба на анксиозност се: лесно губење на трпението, потешкотии со концентрацијата, очекување на негативен исход од секоја животна ситуација, потешкотии со спиењето, опсесивност (преокупираност со некои работи), потреба за бегство или криење итн.

За разлика од состојбата на фобија или паника, на анксиозните личности не им е секогаш јасно поради што ја чувствува таа тешкотија. Анксиозните лица едноставно постојано имаат чувство на тешкотија.

Според S. Estein, анскиозноста е квалитативно различно доживување од стрвот и се јавува кога личноста не може да се соочи со опасноста. Неспособноста за справување со опасноста може да се јави и поради непрепознавање на изворот на опасност.

Анксиозноста како состојба и како особина на личноста

Резултатите од спроведените истражувања покажале дека веројатноста за појава на анксиозност зависи од самата личност, ситуацијата и видот на анксиозниот одговор.

Ансксиозноста како состојба е посебно доживување во специфична ситуација и специфично време. Оваа состојба може да се опише како состојба на возбуденост, напнатост, чувства на непријатност и загриженост која се јавува во одредени можни ситуации, како нивна последователност или пак со замислување и антиципирање на такви ситуации.

Од друга страна, анксиозноста како црта на личност е релативно трајна особина или диспозиција да се биде анксиозен/на во многу различни ситуации.

Третман на анксиозноста

Со цел подобрување на квалитетот на живеење на анксиозната личност, се нудат соодветни професионални третмани. Притоа, исклучително важно е раното препознавање на анксиозноста и соодветен третман. Професионалното третирање во раните фази помага да се спречат некои потешки последици како што е депресија, злоупотреба на алкохол, психотропни супстанци и друго.

Доколку често чувствувате потрешкотии карактеристични за анаксиозната кои ви го нарушуваат секојдневното функционирање, најдобро е да се обратите кај професионалец за ментално здравје. Постојат бројни психотераписки пристапи како гешталт терапија, когнитивно-бихевиорална терапија, семејна терапија и други кои може да ви помогнат да ја надминете анксиозната состојба. По потреба, според проценката на професионалното лице во тртманот може да се вклучи и фармакотерапија, односно употреба анксиолитици и антидепресиви.