Последици од хеликоптер-родителство и како да го избегнете

Во психологијата, постои еден термин кој во поново време го отсликува трендот на денешното родителство т.н хеликоптер родителство.

Хеликоптер-родител е оној родител кој како постојано го надгледува своето дете и покажува преголема грижа за случувањата и проблемите на децата, особено во процесот на образованието.

Како психолозите ги опишуваат хеликоптер родителите?

Терминот „хеликоптер – родител“ е воведен од страна на Haim Hinott, а ги опишувал оние родители кои, како хеликоптери, постојано го нагледуваат животот на своите деца, покажуваат претерана инволвираност во сè што прават децата, дури и кога нема потреба од нивен надзор и контрола. Тие вообичаено преземаат преголема одговорност за своите деца, за сите нивни успеси и неуспеси. Се нарекува и едноставно – претерано родителство. Се смета дека ваквиот тип на родителство значи инволвираност во животот на детето на начин кој е контролирачки, прекумерено заштитнички и е повеќе од само одговорно родителство.

Кои се всушност хеликоптер родители?

Терминот најчесто се употребува за родители на деца кои се во процес на образование, често во поглед на обврските кои детето може да ги прави и самостојно – постојано советување со професори за оценките, домашните обврски, организирање на распоред за часови, како и контрола над слободно време.

Зошто родителите пројавуваат ваков вид на однесување?

Постојат бројни причини, но најчести се:

Страв од негативни последици
Многу родители се обидуваат да ги спречат природните последици по децата. Кога станува збор за безбедноста на детето ова  е корисно, но за нешта како ниска оценка, учество во некоја работни група, добивање награди итн., спречувањето на природните последици е всушност контраиндикаторно. Точно е дека на децата треба да им се обезбедат сите услови за развој, да бидат поттикнувани да носат одговорни одлуки, но не и постојано да се носат одлуките наместо нив и да не се дозволи никогаш да ги почувствуваат природните  последици од нивните постапки. Ваквото однесување носи само стрес и кај децата и кај родителите, а ефикасноста од контролата, корекциите и спротивставувањето на родителите е најчесто мала. Доколку пак таа е висока, носи со себе и бројни нуспојави кај детото како анксиозност, ниска самодоверба, генерализиран страв, поттисната агресија, психосоматски симптоми итн. Многу од нештата кои родителите се обидуваат да ги спречат како неуспех, борба, напорна работа, незагарантирани резултати, можат да бидат вредни лекции за детето, а не животни катастрофи.

Анксиозност
Економската неизвесност, конкуренцијата, промените во светот денес, брзината со која се развива светот, носи огромни количини на страв и стрес на родителот која ги води родителите кон зголемена котрола врз животот на детето, секако, со цел да го заштитат. Сведоци сме дека тие некогаш претеруваат со намерата да го заштитат своето дете од повреда и разочарување.

Потреба за лична компензација
Возрасните кои биле игнорирани, несакани или занемарувани како деца, може да се обидуваат ваквото искуство да го компензираат кај своите деца.

Притисок од родители на други деца
Родителите кои се сведоци на преголема инволвираност на други родители за своите деца, може да биде тригер за пројава на слично однесување и кај нив. Жално е што споредувајќи се, родителите може да се уверат дека ако и тие не го прават тоа, тогаш се лоши родители. Вината може да биде значајна компонета за развој на ваквата динамика.

Кои се последиците од хеликоптер-родителството?

Многу родители развиваат вакви тенденции тргнувајќи од најдобри намери. Умесното посветено родителство е неопходно за правилен развој на детето и дава чувство на љубов и прифаќање, самодоверба, сигурност и водство. Проблем настанува онаму каде релацијата родител – дете и целото воспитание е базирано на страв и донесување одлуки врз основа на она што би можело да се случи (катастрофични очекувања) на детето доколку родителот не е до него. Од друга страна, голем број на развојни психолози советуваат дека децата учат нови вештини и преку неуспесите и преизвиците, што исто така им помага на децата да научат да се носат со предизвици и тешкотии во позрелиот период. Последици:

Намалена самодоверба и самовреднување
Постојаната контрола од родителот носи порака за детето: ти не си доволно добро за да направиш, одлучиш, постапиш само, за тоа секогаш ти е потребно водство од некој друг. Ваквите пораки ја одземаат можноста за самоприфаќање на детето, градење на вештини и истражување надовор од зоната на комфор во разумни мерки кое е неопходно за развој.

Зголемена анксиозност
Стравот на родителите се рефлектира и на децата. Покрај другите нешта, децата ги учат и преземаат и емоционалните реакции на родителите кон нештата и ситуациите.

Неразвиени животни вештини
Родителите кои постојано им  го раскреваат креветот за спиење и масата за јадење на децата, диплат алишта, мијат чинии, врзуваат врвки од чевли итн., дури и кога децата се ментално и физички способни, несвсно ги спречуваат да ги рзвијат и користат овие основни вештини за секојдневно живеење.

Како да го избегнете хеликоптер-родителството?

Најголем дел од родителите ги сакаат своите деца и сè  би направиле за нивнен правилен развој, здравје, задоволство и постихнување успех. Како и да е, голем е бројот на родителите кои со своите најдобри намери, несвесно, на неумесен начин ја изразуваат својата љубов, главно поради недостатокот на свесност и родителски вештини. Несомнено е дека родителите се соочуваат секојдневно со тешки задачи и постојано одржување балас меѓу крајности. Треба да внимаваат на децата, нивните моментални потреби, стресови и емоции, но во исто време и на и на тоа каква возрасна личност сакаат да воспитаат. За успешност во тој процес, потребни се понекогаш жртви, како од родителската, така и од страната на децата.

Ова значи да им се дозволи на децата да се изборат за некои работи, да бидат разочарани, а кога ќе доживеат неуспех, да им се помогне да поминат низ него. Тоа исто така значи да им се дозволи на децата и тинејџерите да ги извршуваат оние работи за кои се физички и ментално спремни. За да едно дете се развие во личност која е зрела и самоуверена, роителите треба да им дадат можност на децата да се обидат да решат сами некои нивни проблеми и предизвици.

Посттрауматско стресно растројство

Посттрауматско стресно растројство

Светот е непредвлидлив и секојдневно се случуваат нешта кои може да остават трајни последици кај психата на луѓето. Со цел да можеме подобро да се справиме со психичките потешкотии, ние мораме прво да се едуцираме за иститите. Токму затоа ја избравме Ирина Николовска, психологот и интегративен и Гешталт советник да ни одговори на прашањата поврзани со посттрауматското стресно растројство.

Што е посттрауматскo стресно растројство (ПТСД) и кој може да го добие? Какви симптоми се развиваат?

–  Посттрауматското стресно растројство (ПТСД) е состојба која се јавува како резултат на делување на силен стресор, кој ги надминува капацитетите за функционално регирање на личноста и интегрирање на емоциите кои ги предизвикал настанот. Со други зборови, станува зброр за внатреша состојба, развиена под влијание на трауматско искуство, кое личноста не може да го процесира и да продолжи понатаму, бидејќи е премногу болно. Типични примери за трауматични настани се животозагрозувачки ситуации како: војна, терористички напад, земјотрес, пожар, сообраќајна незгода, насилство, силување итн. Причината може да биде инцидентна ситуација или пак повторувачко, хронично искуство.

Психолошките реакции на трауматските настани главно се категоризираат како реакција на стрес, нормална реакција на интензивен трауматски настан и стресно растројство, состојба која бара медицински тетман и внимание. Кај акутната стрес реакција, симптомите на генерализирано анксиозно растројство (прекумерна грижа, растечка тензија итн.) се повлекуваат во рок од неколку дена, додека постоењето на посттрауматското стрес растројство се потвдува кога симптомите траат подолго од еден месец.

Во однос на симптомите на ПТСД, тие вклучуваат: постојано повторно доживување на трауматскиот настан (болни слики и сеќавања за настанот), ноќни кошмари, несоница, раздразливост, слаба концентрација, изливи на лутина, прекумерена загриженост, избегнување на мисли, чувства, места и асоцијации поврзани со настанот, намален интерес за значајни активности итн. Освен тоа, голем број од лицата со ПТСД развиваат проблем на зависност, како на пример алкохолизам или пак друг вид ментално, афективно растројство, на што дополнително се обрнува внимание во третманот на состојбата.

Дали може да се надмине и како?

– Иако ваквите состојби се сериозни и третманот може да биде долготраен, доколку личноста е соодветно третирана од страна на професионалци за ментално здравје, и дополнително има значајна поддршка и присуство од страна на ближните, може да се постигне значително подобрување.

Професионалната помош која се нуди за овие состојби вклучува: психолошка прва помош, кризно советување, фармаколошки третман и психотерапија (индивидуална, групна). Тие се препорачуваат и комбинираат според потребата на личноста која страда од ПТСД, односно, според проценката на професионалците за ментално здравје.

Значајно е, веднаш по настанот да се понуди помош, за да не дојде до зацврстување на трауматичното искуство и биде проследено со изолација на личнота. Фармакотерапијата најмногу се користи за намалување на симптомите и раздразливоста. Подоцна во процесот, значајно е да се пристапи и кон псиохотерапија.

Дали ПТСД кај децата е поразлично од кај возрасните?

– Состојбата на ПТСД кај адолесцентите е слична како и кај возрасните, додека кај децата може да биде поинаква. Поради пластичноста на мозокот, се смета дека децата можат да толерираат висок степен на стрес. Сепак, тие се недоволно невролошки, психолошки и когнитивно зрели за да разберат и прифатат различни настани и искустава. Токму затоа, некогаш е тешко да се направи процнка на последици и да се креира соодветен план за излегување од кризата како последица на трауматично искуство. Во споредбата меѓу децата и возрасните, можеме да кажеме дека децата покажуваат поголема плашливост и може да развијат регрес во однесувањето (несоодветно однесување според нивната развојна фаза).

За да му се помогне на детето кое се соочува со вакви потешкотии, потребно е многу поддршка, љубов и емпатија од страна на семејството и блиските. Покрај улогата на поддршката од семејството кое е од огромно значање, незаменлива е, исто така, и поддшката од професионалецл, психотерапевт. Разлчни типови на психотерапија може да бида употребени во овој сличај, но значајно е терапевтот да биде сензибилизиран и обучен за работа со деца, да ги познава спецификите на развојните фази, какои да има познавања од клиничката психологија и психопатологија на деца и млади.

Денес разводите се многу чести, а децата патат многу. Како да ги заштитиме децата од ПТСД при развод на родителите? Како може најлесно да ја прифатат ситуацијата?

-Многу е тешко да се предложи еден, генерален начин според кој децата би можеле полесно да минат низ вакво искуство, бидејќи секој случај има различни околности.

Сепак, значајно е да се разговара искрено со детето, да му се објасни ситуацијата на начин кој е соодветен за неговата возраст и да се нагласи дека љубовта на родителите кон детето не е намалена поради разводот, ниту пак дека тоа е причината за истиот (поради егоцентричноста на децата која е типична за нив според развојните фази, неретко причината за развојот ја поврзуваат со себе, како и многу други појави). Она што за родителите е особено важно, е да го избегнат префрлувањето на вина на што детето би било чест сведок, а уште помалку да изнудуваат начин детето да зазема страна (понекогаш родителите ова го прават и несвесно). Пожелно е да му се остави простор на детето и да се поттикне да ги изрази своите емоции.

Разводот на бракот на родителите, не треба да значи и прекин на родителството или губење од неговиот квалитет, и покрај тоа што може да се јават предизвици и потешкотии во постигнување на истото.

Што кога личноста со ПТСД одбива психотерапија, и избира само медикаментозна терапија за лекување? Дали тоа е доволно?

– Медикаментозната терапија и психотерапијата, покрај поддшката од блиските, се два значајни, комплементарни елементи потребни во процесот на третирање и надминување на ПТСД. Предложени според проценката на професионалците, тие ниту се исклучуваат, ниту се заменуваат меѓусебно. Честа појава се несигурноста и стравот кај луѓето да  влезат во процес на психотерапија, а кај лицата кои страдаат од ПТСД поготово е случај поради потребата да го избегнат соочувањето со трауматското искуство (како што беше наведено, избегнувањето на било каква асоцијација со настанот е еден од симптпмите за ПТСД).

Медикаментозната терапија е корисна за третман на симптомите, особено во почетната фаза. Дури, може да биде препорачана првична примена на ваков вид третман, покрај кризното советување, па дури подоцна да се започне со процес на терапија, според проценка на стручно лице. Тоа е така бидејќи во одредени акутни состојби, психотерапијата може да биде и контраиндикаторна. Сепак, во натамошниот процес, психотерапијата е таа која нуди простор за постигнување интеграција на доживувањата и емоциите предизвикани од трауматичниот настан, како значаен дел од надминувањето на состојбата. Ова главно се случува преку поддршката од ближните и учеството во психотерапија. Сепак, колку и да е полезен процесот на психотерапија, значајно е да се нагласи дека во него личноста треба да се вклучи на доброволна основа, во спротивно не би имала ефект. Личноста може да биде поттикната и охрабрена да преземе таков чекор, но сепак таа ја носи крајната одлука.

Зошто некои луѓе после трауматичен настан доживуваат ПТСД, а некои не?

Не секоја личност која минала низ трауматско искуство развива ПТСД. Дали ќе дојде до развој на ваква состојба зависи од бројни фактори – структура на личност, историја на проблеми со ментално здравје, поддршка од блиските и семејството, претходни животни искуства, моментално ниво на стрес, природата на трауматскиот настан итн. Исклучителниот д-р Габор Мате, во врска со ова вели дека траумата не е она што ни се случува нам, туку она што се случува во нас, како резултат на недворешните случувања. Дополнително,  траумата во својата суштина ја објаснува како дисконекција од себеси (одвојување од непријатните доживувања и содржини). Токму затоа и третманот во својата суштина вклучува повторно контктирање со себеси и интегрирање на одвоените делови од себе, низ човековиот контакт и поддршка, во атмосфера на прифаќање, доверба и емпатија.

Како може да помогнеме доколку некоја блиска личност се соочува со ПТСД?

– Најбитно е да покажеме разбирање за состојбата на личноста, низ поддршка и љубов, онолку колку што можеме да пружиме. Ние кога се соочуваме со огромна количина на болка кај најблиските, нивната болка тешко ја оделуваме од нашата, а неретко, колку и да сакаме да помогнеме, остануваме со чувството на збунетост и немоќ. Токму затоа се нагласува и потребата од помош од обучен професионалец кој има објективен пристап.

Покрај ова, значајно е да не се трудиме со сила да ги скратуваме кај блиската личност преживувањето и изразувањето на непријатните емоции по настанот, наспроти нашата силна желба да ја надминат состојбата и да се чувствуваат подобро што поскоро. Во секој случај, некогаш и самото наше присуство и отвореноста да ни се доверат, придонесува многу во целата ситуација.

Дали постои начин кој може да ни помогне да се заштитиме себеси од можно ПТСД во нашиот живот, или сепак, тоа е нешто кое што не можеме да го контролираме?

Ние не можеме во целост, некогаш и воопшто, да ги контролираме настаните кои се случуваат надвор од нас. Кога не можеме да ги менуваме работите околу нас, тогаш се обидуваме да ги менуваме и регулираме перцепциите, мислите и доживувањата во нас. Но кога стресорот е многу интензивен, во моментите на неговото делување, тоа и не е така едноставно.  Работата на својот личен развој, која ни ја шири свесноста, зајакнува капацитетите и подобрува контактот со себе и другите, не може да нè зашитити сосем од непријатни доживувања, реакции, расположенија и состојби, но може значајно да ни помогне за полесно справувањето со непријатни случувања кога тие ќе се случат. Покрај личниот развој, од особено значање е и негувањето на автентичен, искрен, емпатичен човеков контакт, кој доколку е соодветно изразен, во себе содржи огромна моќ, меѓудругото, за ослободување од стрес, поддршка и трансформација.

Важноста на менталното здравје во модерниот свет

Важноста на менталното здравје во модерниот свет

Во денешниот брз, модерен начин на живот, многумина од нас забораваат на себе и на своето ментално здравје. Ние самите се ставаме на дното од листата со приоритети, целосно игнорирајќи ги нашите потреби и желби. На долг рок, ова има огромно влијание на нашата психолошка добросостојба. Па, стануваме нервозни и нетрпеливи, не можеме да се фокусираме на работата, правиме грешки, не спиеме… Овие проблеми водат до нарушувања во сите аспекти од нашиот живот.

Како се прифаќа психотерапијата во Македонија? Дали сè уште е табу тема и се верува дека само „лудите“ бараат помош од психотерапевти или пак, нештата полека се менуваат?

За да се бара некоја услуга или решение, потребно е прво да се препознае потребата или проблемот.

Иако голем број  луѓе се свесни дека психичкото функционирање е значајно поврзано со квалитетот на живеењето, сепак, барањето помош од психолог е отежнато поради предрасудите, незнаењата и стигмата во однос на менталното здравје. Од друга страна, барањето помош е знак за постоење на свесност, храброст и зрелост кај една личност.

За посуштински промени околу подигнувањето на свесноста за менталното здравје и психичката добросостојба, потребно е и системски да се реагира, да се вршат кампањи, едукации и да се воведе темата уште во раното образование и воспитание. Вакви иницијативи во последно време се појавуваат сè почесто и го поздравувам секој чекор за ширење на свесноста за оваа тема и информирање и едуцирање на јавноста.

Кога една личност треба да побара помош од психотерапевт? И колку психотерапевтите се разликуваат од психолозите и психијатарите, односно како да знаеме кој е најдобриот избор за нас?

Најпрво накратко објаснување за дистинкцијата на професионалните дејности, со цел да се изврши соодветен избор за консултирање на професионалец:

Психолог е лице кое се занимава со проучување и примена на знаењата за когнитивните процеси, емотивните процеси и однесувањето на човекот, интеракцијата на луѓето и нивната интеракција со средината, како и металните нормални и абнормални состојби поврзани со нив. Во психологијата постојат бројни потесни области на изучување и пракса каде што психолозите истражуваат, практицираат и нудат услуги.

Психијатар е доктор кој по завршен факултет за општа медицина потоа специјализирал психијатрија – област која се занимава со дијагностика, превенција и третман на ментални болести. За разлика од психологот, психијатарот е обучен да задава според потребите на пациентот и медикаменти во третманот на менталните болести и симптоми.

Психотерапевт пак, е лице кое е обучено да применува докажани знаења, интервенции, методи и техники со цел унапредување на психолошката добросостојба и менталното здравје, постигнување промени во однесувањето, надминување на проблеми, постигнување подобар квалитет на живеење и искористување на личните потенцијали. Психотерапевт може да биде и психолог и психијатар, бидејќи тоа е долгогодишна едукација која е надвор од формалното високо образование.

Овие три професии се различни, но забуната се случува онаму каде што професионалните профили се испреплетуваат и надополнуваат. На пример, не постои дијагностика на душевни болести без промена на клинички тестови од страна на психолог, ниту пак дијагностиката може да се изврши или да се зададат медикаменти без учество на психијатарот. Се работи во тим. Исто така, во некои состојби, само фармакотерапијата не е доволна, иако потребна, па се препорачува и психотерапија. Но, во многу други области психологијата, психотерапијата и психијатријата се далеку од истоветни.

Во однос на прашањето кога е соодветно да побараме помош од терапевт, психотерапија може да побара секоја личност која чувствува психички дискомфорт и емотивна болка која влијае врз нејзиното секојдневие, состојба и расположение. Личноста може да минува низ криза или одредени ситуации да ѝ ги надминуваат капацитетите за функционално справување; да се соочува со проблем на зависност, загуба, невротски состојби, траума итн. Од друга страна пак, се препорачува и за лица кои сакаат подобро да се осознаат себеси, да работат на својата самоактуелизација и да го извлечат максимумот од своите потенцијали, задоволството и квалитетот на живеењето.

Што можат да очекуваат оние што никогаш не посетиле психотерапевт од првата терапија? И какви прашања треба тие да му постават на терапевтот за да се чувствуваат поудобно во целиот процес?

Понекогаш клиентите имаат очекувања дека за да решат одреден проблем или болка, сè што е потребно е да посетат психолог, да поразговараат и да најдат готово решение. Доколку тоа не се случи на првата сеанса, се разочаруваат и се решаваат да не продолжат со третманот. Сепак, терапијата е процес кој не се случува преку ноќ, како и за многу други промени во други животни области.

Првата средба е само иницијална каде се случува запознавање на клиентот со терапевтот и неговиот начин на работа, запознавање на терапевтот со клиентот, неговиот проблем, динамика и потенцијали, и воспоставување меѓусебна согласност за начинот на работа и постепеното воведување промени, како што ќе се гради и нивната релација. Клиентот може да му поставува прашања на терапевтот за природата на процесот и терапијата, за неговата професионална позадина, обука и лиценцираност, како и за нивната меѓусебна релација, довербата, како се чувствуваат во тој однос и да искомуницираат доколку можеби наидуваат на некакви отпори.

Знаеме дека секој човек е уникатен, и дека секому му е потребно различно нешто за да ја прошири својата свесност и да дојде до потребното сознание. Како се одвива една стандардна сесија?

На почетокот на терапискиот процес, терапевтот го објаснува терапискиот процес и природата на услугата која клиентот ја добива, се разгледуваат причините поради кои клиентот бара помош, се дискутираат очекувањата кои ги има клиентот, кои се посакуваните промени и се преземаат одредени чекори според докажани методи, техники и интервенции, во зависност од тераписката школа на терапевтот.

Од страна на терапевтот ќе бидете поттикнувани да споделите што ви се случува во животот, за што размислувате, дали нешто ве вознемирува, а притоа, ќе бидете ислушани, некритизирани и неосудувани за она што го изнесувате. Секоја сесија, во суштина, претставува преземање чекори за решавање проблем, тешкотија или постигнување посакувана промена.

Вообичаено една сесија трае околу еден час, до час и половина. Содржината на самата сеанса, секако, е индивидуална и е во зависност од подготвеноста на клиентот, природата на проблемот или потребата. Целта не мора секогаш да биде постигнување одредена конкретна и сложена промена, или решавање проблеми, понекогаш клиентот има потреба од споделување на внатрешните содржини и поддршка од професионалец.

Откако со клиентот ќе влезете во одредена работна шема, на колку време се закажуваат средбите и колку долго трае целиот овој процес? Веруваме дека повторно е индивидуално и во зависност од самата личност, но постојат ли некои општи временски граници во кои можат да се сместат повеќето од сесиите?

Откако клиентот ќе започне со процес на терапија, средбите вообичаено се одржуваат на неделно ниво, поради потребата да се испроцесираат содржините, а целокупниот процес трае во зависност од потребата на клиентот и природата на проблемот.

Според податоците од некои мета-анализи за ефектите на психотерапијата, околу половина од клиентите чувствуваат значајни промени по првите 6 до 8 сеанси, а кај 70% од клиентите доаѓа до значајна промена до 26-тата сеанса. Друг податок говори дека придобивките од терапијата се задржуваат од 6 до 8 месеци, а според некои податоци, клиентите во текот на терапијата покажуваат и понатамошно континуирано подобрување.

Ваквите информации ни служат како еден општ ориентир околу очекувањата за постигнување промени и траењето на процесот, сепак, индивидуалното темпо може да биде и поразлично од тоа. Како и да е, доколку не се постигнува значајна промена во рок од 6 месеци советување и терапија, подобро е процесот да се прекине и да се побара помош од друг професионалец или пак, да се испита причинаta за постоење потреба од друг или дополнителен вид третман.

Совет за помладите и постарите во Македонија за одржување на менталното здравје во сè постресното секојдневие:

Кога зборуваме за менталното здравје и за менталната хигиена, често забораваме да ја нагласиме важноста на навиките во живеењето од кои всушност го градиме нашиот живот и управуваме со нашето време и ресурси. Истите се дел и од превенцијата во однос на менталните нарушувања.

Ние сме целовити битија и не можеме да го апстрахираме функционирањето на организмот од мислењето, емоциите, однесувањето, околината, воспитанието и образованието, културата, квалитетот на односите со другите, начинот на исхрана, сонот итн. На некои нешта, како индивидуи, имаме помало влијание, додека на други поголемо. Токму затоа, значењето на личната одговорност, ја истакнуваат многу значајни психолози и психијатари. Животниот баланс и балансот на организмот, сè од големо значење кога зборуваме за менталното здравје и добросостојбата на една личност.

Голем дел од проблемите во однос на менталното функционирање, се всушност проблеми на живеењето. Она што тука е значајно е да не ги занемариме грижата за физичкото здравје, грижата за себе и за средината, искористувањето и развојот на своите потенцијали и невоздржувањето од барање помош и поддршка, било психолошка или од друг вид (според потребата) во моменти кога стресот или проблемот ги надминува нашите капацитети за справување.