Петфакторски модел на личност (Big Five Model)

Петфакторски модел на личност

Петфакторскиот модел на личноста се издвојува како модел со научно најцврста валидност и релијабилност. Тој опишува 5 значајни димензии на личноста:

Екстроверзија / Интроверзија: за лицата со висок степен на екстроверзија специфично е што се отворени кон различни доживувања во контакт со околината, често се пријателски настроени и лесно воспоставуваат релации. Со нивната тенденција да бидат опкружени со луѓе, често се во некакви акции, движања и во потрага кон нови возбуди и надворешни стимулации. Вообичаено се топли и сочувствителни во односите со луѓето. Спротивно на нив, лицата кои се интровертни, преферираат повеќе време да поминуваат со себе, отколку инволвирани во надворешниот свет. За нив, поголема стимулација е интересот кон внатрешните теми отколку надворешните случувања.

Невротицизам / Емотивна стабилност: луѓето кои имаат висок степен на невротицизам имаат поголема веројатност да страдаат од анксиозност и депресија. Често се оптеретени од чувство на страв, загриженост и внатрешен немир. Кај нив, нагласено е чувството на инфериорност, срам и непријатност во контактите со другите. Специфично е што имаат низок праг на толеранција на стрес, тешко ги контролираат импулсите и лесно се фрустрираат. Лицата пак кои имаат поголема емотивна стабилност, не ги дестабилизираат во голема мера животните промени и незивесноста. Лесно стапуваат во контакт со другите и за нив поспецифична е состојбата на внатрешен мир и сталоженост во односот со околината.

Отвореност кон искуства / Затвореност кон искуства: личностите кои имаат високо ниво на отвореност, се креативни, љубопитни, трагаат постојано по нови идеи и искуства, и имаат неконвенционален пристап кон нештата. Наклонети се кон естетика, односно кон убавото и уметноста.  Тие имаат богат внатрешен свет и висока имагинативност. Оние пак кои се затворени кон искуствата се порезервирани во пристапот кон новините. За нив исто така е специфична конзервативноста во размислувањето и неотстапување од поставените норми.

Совесност / Несовесност: високиот степен на совесност кај луѓето се поврзува со висока амбициозност, посветеност, истрајност, потреба за ред и контрола, организираност и интринзична (внатрешна) мотивираност во однесувањето и постигнувањата. Личностите кои се совесни, се ориентирани кон цели, компетентни се и имаат чувство за сопствена ефиксност. Често се водени од чувство на должност и се придржуваат кон правила, принципи и морални вредности. Доколку личноста има низок степен на совесност, поверојатно е да биде мрзелива, неорганизирана и да ги одложува обврските и плановите.

Согласност/ Несогласност: луѓето кои пројавуваат висок степен на соработливост, вообичаено се емпатични, доверливи, љубезни и често ги ставаат потребите на другите луѓе пред своите потреби. Тие поаѓаат од верувањето дека другите луѓе се чесни и добронамерни и дека треба несебично да даваат и да служат во корист на другите. Имаат низок степен на агресија и ретко се конфронтират. Во своето однесуање се благи, скромни и умерени. Лицата за кои е специфична несогласноста, полесно кажуваат „Не“ на околината, го застапуваат своетото мислење и потешко прават компромиси со другите.

Секоја од овие црти или димензии, покрај силни, има и слаби страни, особено ако се екстремно изразени

Екстремно социјалните, екстровертни луѓе може да бидат доминантни и импулсивни, додека тивките, интроверни луѓе, може лесно да влезат во изолација и депресија. Екстремно отворените луѓе може бидат расејани и преплавени од сопствените идеи и креативност, додека затворените кон искуство личности може да станат нефлексибилни и тесногледи. Екстремно совесните луѓе може да станат опсесивни за ред, да осудуваат и бидат ригидни, додека нивен поларитет може да бидат луѓето кои се несмасни, недисциплинирани и негрижливи. Лицата кои имаат многу висока емоционална стабилности (ниска невротичност) може да влегуваат во опасности и ризични однесувања, додека лицата со многу високо ниво на невротичност може да станат преокупирани со анксиозност и болка, која може да им ја наруши функционалноста. Лицата кои имаат екстремно висока согласност може никогаш да не застанат зад себе, додека оние кои се високо асертивни може да станат агресивни, груби и вербално насилни.

За надминување на слабите страни, како и jакнење и ставање во функција на силните страни, може да се употребат психотерапијата и коучингот како алатки со кои се работи на унапредување на личноста и нејзиниот квалитет на живеење.

Чувство на осаменост во изолација: како да се справиме?

(0) osamenost-vo-izolacija-kako-da-se-spravime-sinteza.mk

Осаменоста е субјективно чувство на неповрзаност, да се биде неразбран од другите, како и неможност за споделување на значајни чувства и размислувања.

Осаменоста и социјалната изолацијата не се нужно поврзани. Сепак, за некои, изолацијата може да биде подлога/тригер за јавување на чувство на осаменост.

Може да бидеме во голема група на луѓе и пак да се чувствуаме осамено. Од друга страна, некој може да си биде друштво сам на себе и пак да не се чувствува осамено, особено кога тоа е личен избор и личноста има некаков психолошки бенефит од тоа.

Осаменост и опозит на осаменост

Ако можме да наведеме опозиција/поларитет за осаменоста, тоа би било сочувството и разборањето за другиот кој е поразличен од мене, на едно длабоко ниво. Со други зборови – да разбереме и да се бидеме разбрани, да слушнеме и да бидеме слушнати, да се произнесеме со својата несовршеност и ранливост и да не судиме и бидеме осудени за тоа. Сето ова звучи како една утопија на психолошко ниво, меѓутоа, ако не комплетната реализација, тогаш ваквиот стремеж е она што прави огромна разлика во меѓучовечките односи.

Секој во текот на животот, во помала или поголема мера искусил што значи да се биде во состојба на осаменост. Иронично, луѓето најосамено се чувствуваат во партнерство или социјални групи, во случај кога тие конекции не се исполнувачки и квалитетни. За една личноста да не се чувствува осамено во некој однос, потребно е, во односот да има простор да биде автентична, отворена за својата ранлвост и препознаена и прифатена таква каква што е. Колку повеќе се култивира ваква подлога за развивање однос, толку односот е посполнувачки, уникатен и квалитетен.

Осаменоста, во контекст на изолирањето, може да направи да се повлечеме во себе уште повеќе, утврдувајќи ги негетивните дисторзии кои ги имаме за сликата за себе. Изречените препораки за социјална изолација, може да ја потенцира оваа повлеченост во осаменост уште повеќе. Во таа смисла, посегнувањето по контакт и алтруизам се многу значајни. Алтруизмот во голема мера е дел од третманот за депресија, пострауматско нарушување и други ментални растројства. Преку занимавањето со нашто надвор од себе, на начин кој е значаен за другите, си помагаме и на себе.

Препораката за намалување на чувството на осаменост е да го пронајдеме и негуваме она што е значајно за нас. Нешто што ни дава смисла, како во односот со себе, со другите, така и во односот со светот. Тоа може да биде преку значајни разговори или активности со драга личност, занимавање со фотографија, музика, наука, градинарство… било што, за нас автентично, што ни дава чувство на исполнетост. На тој начин, му даваме вредност на нашето секојдневие, му даваме вредност на нашиот живот. Притоа, тоа не е нешто што се постигнува и одржува еднаш засекогаш. Ваквиот стил и пристап е нешто што се негува секојдневно и се усовршува.

Креативна адаптација на животните промени

(0) kreativna-adaptacija-na-zhivotni-promeni-sinteza.mk

Центар „Синтеза“ ви ја најавува третата од низата осум работилници во рамките на проектот „Поддршка на жените преку изградба на капацитетите за личен развој и самопочитување“, кој ќе се реализира во просториите на Центарот „Синтеза“ во Прилеп.
Тема на работилницата: „Креативна адаптација на животните промени“
Датум: 15. 03. 2020 од 9.30 до 16.30 часот

Работилницата ќе ја водат:
Лариса Стојкович Трајкоска, гешталт психотерапевт и
Анета Јовковска, гешталт советувач

Работилницата е под покровителство на организацијата: Екуменска иницијатива на жените од Омиш, Хрватска и е бесплатна за пријавените учесници.
Бројот на учесници е ограничен на 20.
Пријавувањето на заинтересираните учесници е преку месинџер или на телефон: 078 402 470, најдоцна до 10.03.2020.

Кратка информација за темата на работилницата:
Промената може да дојде во нашите животи како резултат на криза, како резултат на избор или случајно. Во секоја ситуација, соочени сме со тоа што треба да направиме избор – дали да направиме промена или не?
Не можеме да ги избегнеме неочекуваните настани во нашите животи, затоа што овие настани нè предизвикуваат и нè принудуваат да излеземе од нашата комфорна зона. Ако ги игнорираме промените или се криеме од предизвикот на промената, ние си се одрекуваме од можноста да учиме и да растеме.
Кога не сме подготвени и сме отпорни на промена, тогаш немаме никаква контрола или избор за тоа како сакаме да го живееме животот.
Нашата еластичност во животот може да се зајакне само кога ќе прифатиме промена и кога ќе научиме да управуваме со овие предизвици на позитивен начин, наместо да се скриеме и да ги игнорираме можностите што промената може да ги донесе во нашите животи.