Чувство на осаменост во изолација: како да се справиме?

Осаменоста е субјективно чувство на неповрзаност, да се биде неразбран од другите, како и неможност за споделување на значајни чувства и размислувања.

Осаменоста и социјалната изолацијата не се нужно поврзани. Сепак, за некои, изолацијата може да биде подлога/тригер за јавување на чувство на осаменост.

Може да бидеме во голема група на луѓе и пак да се чувствуаме осамено. Од друга страна, некој може да си биде друштво сам на себе и пак да не се чувствува осамено, особено кога тоа е личен избор и личноста има некаков психолошки бенефит од тоа.

Осаменост и опозит на осаменост

Ако можме да наведеме опозиција/поларитет за осаменоста, тоа би било сочувството и разборањето за другиот кој е поразличен од мене, на едно длабоко ниво. Со други зборови – да разбереме и да се бидеме разбрани, да слушнеме и да бидеме слушнати, да се произнесеме со својата несовршеност и ранливост и да не судиме и бидеме осудени за тоа. Сето ова звучи како една утопија на психолошко ниво, меѓутоа, ако не комплетната реализација, тогаш ваквиот стремеж е она што прави огромна разлика во меѓучовечките односи.

Секој во текот на животот, во помала или поголема мера искусил што значи да се биде во состојба на осаменост. Иронично, луѓето најосамено се чувствуваат во партнерство или социјални групи, во случај кога тие конекции не се исполнувачки и квалитетни. За една личноста да не се чувствува осамено во некој однос, потребно е, во односот да има простор да биде автентична, отворена за својата ранлвост и препознаена и прифатена таква каква што е. Колку повеќе се култивира ваква подлога за развивање однос, толку односот е посполнувачки, уникатен и квалитетен.

Осаменоста, во контекст на изолирањето, може да направи да се повлечеме во себе уште повеќе, утврдувајќи ги негетивните дисторзии кои ги имаме за сликата за себе. Изречените препораки за социјална изолација, може да ја потенцира оваа повлеченост во осаменост уште повеќе. Во таа смисла, посегнувањето по контакт и алтруизам се многу значајни. Алтруизмот во голема мера е дел од третманот за депресија, пострауматско нарушување и други ментални растројства. Преку занимавањето со нашто надвор од себе, на начин кој е значаен за другите, си помагаме и на себе.

Препораката за намалување на чувството на осаменост е да го пронајдеме и негуваме она што е значајно за нас. Нешто што ни дава смисла, како во односот со себе, со другите, така и во односот со светот. Тоа може да биде преку значајни разговори или активности со драга личност, занимавање со фотографија, музика, наука, градинарство… било што, за нас автентично, што ни дава чувство на исполнетост. На тој начин, му даваме вредност на нашето секојдневие, му даваме вредност на нашиот живот. Притоа, тоа не е нешто што се постигнува и одржува еднаш засекогаш. Ваквиот стил и пристап е нешто што се негува секојдневно и се усовршува.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *