Важноста на менталното здравје во модерниот свет

Важноста на менталното здравје во модерниот свет

Во денешниот брз, модерен начин на живот, многумина од нас забораваат на себе и на своето ментално здравје. Ние самите се ставаме на дното од листата со приоритети, целосно игнорирајќи ги нашите потреби и желби. На долг рок, ова има огромно влијание на нашата психолошка добросостојба. Па, стануваме нервозни и нетрпеливи, не можеме да се фокусираме на работата, правиме грешки, не спиеме… Овие проблеми водат до нарушувања во сите аспекти од нашиот живот.

Како се прифаќа психотерапијата во Македонија? Дали сè уште е табу тема и се верува дека само „лудите“ бараат помош од психотерапевти или пак, нештата полека се менуваат?

За да се бара некоја услуга или решение, потребно е прво да се препознае потребата или проблемот.

Иако голем број  луѓе се свесни дека психичкото функционирање е значајно поврзано со квалитетот на живеењето, сепак, барањето помош од психолог е отежнато поради предрасудите, незнаењата и стигмата во однос на менталното здравје. Од друга страна, барањето помош е знак за постоење на свесност, храброст и зрелост кај една личност.

За посуштински промени околу подигнувањето на свесноста за менталното здравје и психичката добросостојба, потребно е и системски да се реагира, да се вршат кампањи, едукации и да се воведе темата уште во раното образование и воспитание. Вакви иницијативи во последно време се појавуваат сè почесто и го поздравувам секој чекор за ширење на свесноста за оваа тема и информирање и едуцирање на јавноста.

Кога една личност треба да побара помош од психотерапевт? И колку психотерапевтите се разликуваат од психолозите и психијатарите, односно како да знаеме кој е најдобриот избор за нас?

Најпрво накратко објаснување за дистинкцијата на професионалните дејности, со цел да се изврши соодветен избор за консултирање на професионалец:

Психолог е лице кое се занимава со проучување и примена на знаењата за когнитивните процеси, емотивните процеси и однесувањето на човекот, интеракцијата на луѓето и нивната интеракција со средината, како и металните нормални и абнормални состојби поврзани со нив. Во психологијата постојат бројни потесни области на изучување и пракса каде што психолозите истражуваат, практицираат и нудат услуги.

Психијатар е доктор кој по завршен факултет за општа медицина потоа специјализирал психијатрија – област која се занимава со дијагностика, превенција и третман на ментални болести. За разлика од психологот, психијатарот е обучен да задава според потребите на пациентот и медикаменти во третманот на менталните болести и симптоми.

Психотерапевт пак, е лице кое е обучено да применува докажани знаења, интервенции, методи и техники со цел унапредување на психолошката добросостојба и менталното здравје, постигнување промени во однесувањето, надминување на проблеми, постигнување подобар квалитет на живеење и искористување на личните потенцијали. Психотерапевт може да биде и психолог и психијатар, бидејќи тоа е долгогодишна едукација која е надвор од формалното високо образование.

Овие три професии се различни, но забуната се случува онаму каде што професионалните профили се испреплетуваат и надополнуваат. На пример, не постои дијагностика на душевни болести без промена на клинички тестови од страна на психолог, ниту пак дијагностиката може да се изврши или да се зададат медикаменти без учество на психијатарот. Се работи во тим. Исто така, во некои состојби, само фармакотерапијата не е доволна, иако потребна, па се препорачува и психотерапија. Но, во многу други области психологијата, психотерапијата и психијатријата се далеку од истоветни.

Во однос на прашањето кога е соодветно да побараме помош од терапевт, психотерапија може да побара секоја личност која чувствува психички дискомфорт и емотивна болка која влијае врз нејзиното секојдневие, состојба и расположение. Личноста може да минува низ криза или одредени ситуации да ѝ ги надминуваат капацитетите за функционално справување; да се соочува со проблем на зависност, загуба, невротски состојби, траума итн. Од друга страна пак, се препорачува и за лица кои сакаат подобро да се осознаат себеси, да работат на својата самоактуелизација и да го извлечат максимумот од своите потенцијали, задоволството и квалитетот на живеењето.

Што можат да очекуваат оние што никогаш не посетиле психотерапевт од првата терапија? И какви прашања треба тие да му постават на терапевтот за да се чувствуваат поудобно во целиот процес?

Понекогаш клиентите имаат очекувања дека за да решат одреден проблем или болка, сè што е потребно е да посетат психолог, да поразговараат и да најдат готово решение. Доколку тоа не се случи на првата сеанса, се разочаруваат и се решаваат да не продолжат со третманот. Сепак, терапијата е процес кој не се случува преку ноќ, како и за многу други промени во други животни области.

Првата средба е само иницијална каде се случува запознавање на клиентот со терапевтот и неговиот начин на работа, запознавање на терапевтот со клиентот, неговиот проблем, динамика и потенцијали, и воспоставување меѓусебна согласност за начинот на работа и постепеното воведување промени, како што ќе се гради и нивната релација. Клиентот може да му поставува прашања на терапевтот за природата на процесот и терапијата, за неговата професионална позадина, обука и лиценцираност, како и за нивната меѓусебна релација, довербата, како се чувствуваат во тој однос и да искомуницираат доколку можеби наидуваат на некакви отпори.

Знаеме дека секој човек е уникатен, и дека секому му е потребно различно нешто за да ја прошири својата свесност и да дојде до потребното сознание. Како се одвива една стандардна сесија?

На почетокот на терапискиот процес, терапевтот го објаснува терапискиот процес и природата на услугата која клиентот ја добива, се разгледуваат причините поради кои клиентот бара помош, се дискутираат очекувањата кои ги има клиентот, кои се посакуваните промени и се преземаат одредени чекори според докажани методи, техники и интервенции, во зависност од тераписката школа на терапевтот.

Од страна на терапевтот ќе бидете поттикнувани да споделите што ви се случува во животот, за што размислувате, дали нешто ве вознемирува, а притоа, ќе бидете ислушани, некритизирани и неосудувани за она што го изнесувате. Секоја сесија, во суштина, претставува преземање чекори за решавање проблем, тешкотија или постигнување посакувана промена.

Вообичаено една сесија трае околу еден час, до час и половина. Содржината на самата сеанса, секако, е индивидуална и е во зависност од подготвеноста на клиентот, природата на проблемот или потребата. Целта не мора секогаш да биде постигнување одредена конкретна и сложена промена, или решавање проблеми, понекогаш клиентот има потреба од споделување на внатрешните содржини и поддршка од професионалец.

Откако со клиентот ќе влезете во одредена работна шема, на колку време се закажуваат средбите и колку долго трае целиот овој процес? Веруваме дека повторно е индивидуално и во зависност од самата личност, но постојат ли некои општи временски граници во кои можат да се сместат повеќето од сесиите?

Откако клиентот ќе започне со процес на терапија, средбите вообичаено се одржуваат на неделно ниво, поради потребата да се испроцесираат содржините, а целокупниот процес трае во зависност од потребата на клиентот и природата на проблемот.

Според податоците од некои мета-анализи за ефектите на психотерапијата, околу половина од клиентите чувствуваат значајни промени по првите 6 до 8 сеанси, а кај 70% од клиентите доаѓа до значајна промена до 26-тата сеанса. Друг податок говори дека придобивките од терапијата се задржуваат од 6 до 8 месеци, а според некои податоци, клиентите во текот на терапијата покажуваат и понатамошно континуирано подобрување.

Ваквите информации ни служат како еден општ ориентир околу очекувањата за постигнување промени и траењето на процесот, сепак, индивидуалното темпо може да биде и поразлично од тоа. Како и да е, доколку не се постигнува значајна промена во рок од 6 месеци советување и терапија, подобро е процесот да се прекине и да се побара помош од друг професионалец или пак, да се испита причинаta за постоење потреба од друг или дополнителен вид третман.

Совет за помладите и постарите во Македонија за одржување на менталното здравје во сè постресното секојдневие:

Кога зборуваме за менталното здравје и за менталната хигиена, често забораваме да ја нагласиме важноста на навиките во живеењето од кои всушност го градиме нашиот живот и управуваме со нашето време и ресурси. Истите се дел и од превенцијата во однос на менталните нарушувања.

Ние сме целовити битија и не можеме да го апстрахираме функционирањето на организмот од мислењето, емоциите, однесувањето, околината, воспитанието и образованието, културата, квалитетот на односите со другите, начинот на исхрана, сонот итн. На некои нешта, како индивидуи, имаме помало влијание, додека на други поголемо. Токму затоа, значењето на личната одговорност, ја истакнуваат многу значајни психолози и психијатари. Животниот баланс и балансот на организмот, сè од големо значење кога зборуваме за менталното здравје и добросостојбата на една личност.

Голем дел од проблемите во однос на менталното функционирање, се всушност проблеми на живеењето. Она што тука е значајно е да не ги занемариме грижата за физичкото здравје, грижата за себе и за средината, искористувањето и развојот на своите потенцијали и невоздржувањето од барање помош и поддршка, било психолошка или од друг вид (според потребата) во моменти кога стресот или проблемот ги надминува нашите капацитети за справување.

Анксиозност: што претставува и како се третира?

(0) anksioznost-shto-pretstavuva-i-kako-se-tretira-sinteza.mk

Анксиозност (лат. „anxius“- загриженост) е психичка состојба за која е карактеристично јавувањето на чувства на мачнина, тежина, уплашеност, непријатност, вознемиреност, страв до степен на паника, психомоторна напнатост и внатрешен немир. За анксиозноста, исто така, е специфично што најчесто е немотивирана и не е поврзана со некој конкретен објект, настан или личност.

Кои се симптомите на акнскиозноста?

Анксиозноста физички се манифестира преку: забрзана работа на срцето, хипертензија, забрзано и плитко дишење, тремор, гастроинтестинални нарушувања, мускулна напнатост, губење на здив и чувство на гушење, болка во градите, вцрвенување и потење, чувство на слабост итн.

Психичките знаци за состојба на анксиозност се: лесно губење на трпението, потешкотии со концентрацијата, очекување на негативен исход од секоја животна ситуација, потешкотии со спиењето, опсесивност (преокупираност со некои работи), потреба за бегство или криење итн.

За разлика од состојбата на фобија или паника, на анксиозните личности не им е секогаш јасно поради што ја чувствува таа тешкотија. Анксиозните лица едноставно постојано имаат чувство на тешкотија.

Според S. Estein, анскиозноста е квалитативно различно доживување од стрвот и се јавува кога личноста не може да се соочи со опасноста. Неспособноста за справување со опасноста може да се јави и поради непрепознавање на изворот на опасност.

Анксиозноста како состојба и како особина на личноста

Резултатите од спроведените истражувања покажале дека веројатноста за појава на анксиозност зависи од самата личност, ситуацијата и видот на анксиозниот одговор.

Ансксиозноста како состојба е посебно доживување во специфична ситуација и специфично време. Оваа состојба може да се опише како состојба на возбуденост, напнатост, чувства на непријатност и загриженост која се јавува во одредени можни ситуации, како нивна последователност или пак со замислување и антиципирање на такви ситуации.

Од друга страна, анксиозноста како црта на личност е релативно трајна особина или диспозиција да се биде анксиозен/на во многу различни ситуации.

Третман на анксиозноста

Со цел подобрување на квалитетот на живеење на анксиозната личност, се нудат соодветни професионални третмани. Притоа, исклучително важно е раното препознавање на анксиозноста и соодветен третман. Професионалното третирање во раните фази помага да се спречат некои потешки последици како што е депресија, злоупотреба на алкохол, психотропни супстанци и друго.

Доколку често чувствувате потрешкотии карактеристични за анаксиозната кои ви го нарушуваат секојдневното функционирање, најдобро е да се обратите кај професионалец за ментално здравје. Постојат бројни психотераписки пристапи како гешталт терапија, когнитивно-бихевиорална терапија, семејна терапија и други кои може да ви помогнат да ја надминете анксиозната состојба. По потреба, според проценката на професионалното лице во тртманот може да се вклучи и фармакотерапија, односно употреба анксиолитици и антидепресиви.