Посттрауматски развој

(0)postraumatski-razvoj-sinteza.mk

За траумата велат дека е кошмар кој ни се случува на јаве..

За многумина е исклучително тешко да ја надминат траумата која ја доживеале, и овој процес бара голема храброст и истрајност.

Но, и покрај тоа, траумата има трасформативна моќ. Концептот за придобивките од болката, неретко го сретнуваме во религијата, поезијата, филозофијата, литературата. Трансформативната моќ на болката и страдањата, како идеја и сведоштво, се сретнува низ историјата на целата човекова цивилизација.

Што е посттрауматски развој?

Пострауматискиот развој се дефинира како позитивни личносни промени кои се јауваат како резултат на борбата да се соочи личноста со траумата и нејзините психолошки последици. Кога зборуваме за трауматски настани и искуства, тука може да наведеме: насилство, сиромаштија, присуство на ментална или физичка болест кај себе или во семејството, загуба, емотивно, физичко, економско или сексуално злоставување и манипулација, недостаток на грижа и љубов во детството итн. Низ посттрауматскиот развој, преку еден комплексен и најчесто долготраен процес, личноста може да се доведе до поголемо разбирање, сочувство, поголемо и подлабоко ценење на животот и релациите, духовен развој, развивање личносни снаги, и стекнување чувство на смисла како резултат на сето ова.

Она што е интересно и значајно е што неретко, овој степен на личен развој го надминува сепенот на развој кај личноста за нејзиното функционирање, кое било специфично за неа пред да се случи траумата. Така што, посттрауматскиот развој не се однесува на доведување до нивото на функционирање на кое била претходно личноста, туку надминување на тоа ниво. Истражувањата за овој психолошки феномен покажуваат дека посттрауматскиот развој не е спротивна реакција на пострауматскиот стрес, туку дека се работи за две различни реакции кои може да се јават симултано кај личноста, и по некое време, стресното искуство да поттикне нејзин раст и развој.

Вежба за личен развој: третирајте се себе си како свој најдобар пријател

Кога работите во животот не одат според вашиот план, обидете се да градите однос кон себе како кон добар пријател/ка и следете ги резултатите на ваквиот пристап. Колку повеќе вежбате да се однесувате на овој начин кон себе си, толку поприродна ќе ви стане оваа навика.

Инструкции за вежбата:

Прв чекор – Потсетете се на период или ситуација кога ваш најблизок пријател/ка минувал/а низ болка, тага или животна непријатност. Запишете ги сите нешта кои би ги направиле и кажале на него/неа и забележете го тонот на гласот со кој би го направиле тоа.

  • Ситуацијата во која се наоѓа пријателот/ката:

  • Вашиот одговор:

Втор чекор – Потсетете се на период и ситуација кога вие сте се бореле. Можеби токму во моментов има нешто во вашиот живот поради кое не се чувствувате добро? Запишете што сѐ би направиле и кажале на себе си, и со каков тон на гласот би го правиле тоа.

  • Вашата ситуација:

  • Вашиот одговор:

Трет чекор – Запишете ја разликата помеѓу тоа како се поставувате кон својот најдобар пријател/ка, а како кон себе си? Ако постои значајна разлика, запрашајте се зошто е тоа така и запишете што ве води да се однесувате кон себе си другите на толку различен начин.

Четврт чекор – Најпосле, запишете како можеле да се променат нештата ако се однесувате кон себе си како што се однесувате кон свој најдобар пријател.

Целта на вежбата: преку оваа вежба се освестува дискрепанцата која постои меѓу нашиот однос кон себе си и кон другите. Исто така, преку неа се вежба сочувство кон себе си, како и однос кон себе кој не е ниту себецентричен и нарцисоиден, ниту пак води кон себе повлекување и самопонижување.

Учењето на здрава самоподдршка е вештина која е од исклучително значење за субјективната добросотојба.

Петфакторски модел на личност (Big Five Model)

Петфакторски модел на личност

Петфакторскиот модел на личноста се издвојува како модел со научно најцврста валидност и релијабилност. Тој опишува 5 значајни димензии на личноста:

Екстроверзија / Интроверзија: за лицата со висок степен на екстроверзија специфично е што се отворени кон различни доживувања во контакт со околината, често се пријателски настроени и лесно воспоставуваат релации. Со нивната тенденција да бидат опкружени со луѓе, често се во некакви акции, движања и во потрага кон нови возбуди и надворешни стимулации. Вообичаено се топли и сочувствителни во односите со луѓето. Спротивно на нив, лицата кои се интровертни, преферираат повеќе време да поминуваат со себе, отколку инволвирани во надворешниот свет. За нив, поголема стимулација е интересот кон внатрешните теми отколку надворешните случувања.

Невротицизам / Емотивна стабилност: луѓето кои имаат висок степен на невротицизам имаат поголема веројатност да страдаат од анксиозност и депресија. Често се оптеретени од чувство на страв, загриженост и внатрешен немир. Кај нив, нагласено е чувството на инфериорност, срам и непријатност во контактите со другите. Специфично е што имаат низок праг на толеранција на стрес, тешко ги контролираат импулсите и лесно се фрустрираат. Лицата пак кои имаат поголема емотивна стабилност, не ги дестабилизираат во голема мера животните промени и незивесноста. Лесно стапуваат во контакт со другите и за нив поспецифична е состојбата на внатрешен мир и сталоженост во односот со околината.

Отвореност кон искуства / Затвореност кон искуства: личностите кои имаат високо ниво на отвореност, се креативни, љубопитни, трагаат постојано по нови идеи и искуства, и имаат неконвенционален пристап кон нештата. Наклонети се кон естетика, односно кон убавото и уметноста.  Тие имаат богат внатрешен свет и висока имагинативност. Оние пак кои се затворени кон искуствата се порезервирани во пристапот кон новините. За нив исто така е специфична конзервативноста во размислувањето и неотстапување од поставените норми.

Совесност / Несовесност: високиот степен на совесност кај луѓето се поврзува со висока амбициозност, посветеност, истрајност, потреба за ред и контрола, организираност и интринзична (внатрешна) мотивираност во однесувањето и постигнувањата. Личностите кои се совесни, се ориентирани кон цели, компетентни се и имаат чувство за сопствена ефиксност. Често се водени од чувство на должност и се придржуваат кон правила, принципи и морални вредности. Доколку личноста има низок степен на совесност, поверојатно е да биде мрзелива, неорганизирана и да ги одложува обврските и плановите.

Согласност/ Несогласност: луѓето кои пројавуваат висок степен на соработливост, вообичаено се емпатични, доверливи, љубезни и често ги ставаат потребите на другите луѓе пред своите потреби. Тие поаѓаат од верувањето дека другите луѓе се чесни и добронамерни и дека треба несебично да даваат и да служат во корист на другите. Имаат низок степен на агресија и ретко се конфронтират. Во своето однесуање се благи, скромни и умерени. Лицата за кои е специфична несогласноста, полесно кажуваат „Не“ на околината, го застапуваат своетото мислење и потешко прават компромиси со другите.

Секоја од овие црти или димензии, покрај силни, има и слаби страни, особено ако се екстремно изразени

Екстремно социјалните, екстровертни луѓе може да бидат доминантни и импулсивни, додека тивките, интроверни луѓе, може лесно да влезат во изолација и депресија. Екстремно отворените луѓе може бидат расејани и преплавени од сопствените идеи и креативност, додека затворените кон искуство личности може да станат нефлексибилни и тесногледи. Екстремно совесните луѓе може да станат опсесивни за ред, да осудуваат и бидат ригидни, додека нивен поларитет може да бидат луѓето кои се несмасни, недисциплинирани и негрижливи. Лицата кои имаат многу висока емоционална стабилности (ниска невротичност) може да влегуваат во опасности и ризични однесувања, додека лицата со многу високо ниво на невротичност може да станат преокупирани со анксиозност и болка, која може да им ја наруши функционалноста. Лицата кои имаат екстремно висока согласност може никогаш да не застанат зад себе, додека оние кои се високо асертивни може да станат агресивни, груби и вербално насилни.

За надминување на слабите страни, како и jакнење и ставање во функција на силните страни, може да се употребат психотерапијата и коучингот како алатки со кои се работи на унапредување на личноста и нејзиниот квалитет на живеење.