Посттрауматско стресно растројство

Светот е непредвлидлив и секојдневно се случуваат нешта кои може да остават трајни последици кај психата на луѓето. Со цел да можеме подобро да се справиме со психичките потешкотии, ние мораме прво да се едуцираме за иститите. Токму затоа ја избравме Ирина Николовска, психологот и интегративен и Гешталт советник да ни одговори на прашањата поврзани со посттрауматското стресно растројство.

Што е посттрауматскo стресно растројство (ПТСД) и кој може да го добие? Какви симптоми се развиваат?

–  Посттрауматското стресно растројство (ПТСД) е состојба која се јавува како резултат на делување на силен стресор, кој ги надминува капацитетите за функционално регирање на личноста и интегрирање на емоциите кои ги предизвикал настанот. Со други зборови, станува зброр за внатреша состојба, развиена под влијание на трауматско искуство, кое личноста не може да го процесира и да продолжи понатаму, бидејќи е премногу болно. Типични примери за трауматични настани се животозагрозувачки ситуации како: војна, терористички напад, земјотрес, пожар, сообраќајна незгода, насилство, силување итн. Причината може да биде инцидентна ситуација или пак повторувачко, хронично искуство.

Психолошките реакции на трауматските настани главно се категоризираат како реакција на стрес, нормална реакција на интензивен трауматски настан и стресно растројство, состојба која бара медицински тетман и внимание. Кај акутната стрес реакција, симптомите на генерализирано анксиозно растројство (прекумерна грижа, растечка тензија итн.) се повлекуваат во рок од неколку дена, додека постоењето на посттрауматското стрес растројство се потвдува кога симптомите траат подолго од еден месец.

Во однос на симптомите на ПТСД, тие вклучуваат: постојано повторно доживување на трауматскиот настан (болни слики и сеќавања за настанот), ноќни кошмари, несоница, раздразливост, слаба концентрација, изливи на лутина, прекумерена загриженост, избегнување на мисли, чувства, места и асоцијации поврзани со настанот, намален интерес за значајни активности итн. Освен тоа, голем број од лицата со ПТСД развиваат проблем на зависност, како на пример алкохолизам или пак друг вид ментално, афективно растројство, на што дополнително се обрнува внимание во третманот на состојбата.

Дали може да се надмине и како?

– Иако ваквите состојби се сериозни и третманот може да биде долготраен, доколку личноста е соодветно третирана од страна на професионалци за ментално здравје, и дополнително има значајна поддршка и присуство од страна на ближните, може да се постигне значително подобрување.

Професионалната помош која се нуди за овие состојби вклучува: психолошка прва помош, кризно советување, фармаколошки третман и психотерапија (индивидуална, групна). Тие се препорачуваат и комбинираат според потребата на личноста која страда од ПТСД, односно, според проценката на професионалците за ментално здравје.

Значајно е, веднаш по настанот да се понуди помош, за да не дојде до зацврстување на трауматичното искуство и биде проследено со изолација на личнота. Фармакотерапијата најмногу се користи за намалување на симптомите и раздразливоста. Подоцна во процесот, значајно е да се пристапи и кон псиохотерапија.

Дали ПТСД кај децата е поразлично од кај возрасните?

– Состојбата на ПТСД кај адолесцентите е слична како и кај возрасните, додека кај децата може да биде поинаква. Поради пластичноста на мозокот, се смета дека децата можат да толерираат висок степен на стрес. Сепак, тие се недоволно невролошки, психолошки и когнитивно зрели за да разберат и прифатат различни настани и искустава. Токму затоа, некогаш е тешко да се направи процнка на последици и да се креира соодветен план за излегување од кризата како последица на трауматично искуство. Во споредбата меѓу децата и возрасните, можеме да кажеме дека децата покажуваат поголема плашливост и може да развијат регрес во однесувањето (несоодветно однесување според нивната развојна фаза).

За да му се помогне на детето кое се соочува со вакви потешкотии, потребно е многу поддршка, љубов и емпатија од страна на семејството и блиските. Покрај улогата на поддршката од семејството кое е од огромно значање, незаменлива е, исто така, и поддшката од професионалецл, психотерапевт. Разлчни типови на психотерапија може да бида употребени во овој сличај, но значајно е терапевтот да биде сензибилизиран и обучен за работа со деца, да ги познава спецификите на развојните фази, какои да има познавања од клиничката психологија и психопатологија на деца и млади.

Денес разводите се многу чести, а децата патат многу. Како да ги заштитиме децата од ПТСД при развод на родителите? Како може најлесно да ја прифатат ситуацијата?

-Многу е тешко да се предложи еден, генерален начин според кој децата би можеле полесно да минат низ вакво искуство, бидејќи секој случај има различни околности.

Сепак, значајно е да се разговара искрено со детето, да му се објасни ситуацијата на начин кој е соодветен за неговата возраст и да се нагласи дека љубовта на родителите кон детето не е намалена поради разводот, ниту пак дека тоа е причината за истиот (поради егоцентричноста на децата која е типична за нив според развојните фази, неретко причината за развојот ја поврзуваат со себе, како и многу други појави). Она што за родителите е особено важно, е да го избегнат префрлувањето на вина на што детето би било чест сведок, а уште помалку да изнудуваат начин детето да зазема страна (понекогаш родителите ова го прават и несвесно). Пожелно е да му се остави простор на детето и да се поттикне да ги изрази своите емоции.

Разводот на бракот на родителите, не треба да значи и прекин на родителството или губење од неговиот квалитет, и покрај тоа што може да се јават предизвици и потешкотии во постигнување на истото.

Што кога личноста со ПТСД одбива психотерапија, и избира само медикаментозна терапија за лекување? Дали тоа е доволно?

– Медикаментозната терапија и психотерапијата, покрај поддшката од блиските, се два значајни, комплементарни елементи потребни во процесот на третирање и надминување на ПТСД. Предложени според проценката на професионалците, тие ниту се исклучуваат, ниту се заменуваат меѓусебно. Честа појава се несигурноста и стравот кај луѓето да  влезат во процес на психотерапија, а кај лицата кои страдаат од ПТСД поготово е случај поради потребата да го избегнат соочувањето со трауматското искуство (како што беше наведено, избегнувањето на било каква асоцијација со настанот е еден од симптпмите за ПТСД).

Медикаментозната терапија е корисна за третман на симптомите, особено во почетната фаза. Дури, може да биде препорачана првична примена на ваков вид третман, покрај кризното советување, па дури подоцна да се започне со процес на терапија, според проценка на стручно лице. Тоа е така бидејќи во одредени акутни состојби, психотерапијата може да биде и контраиндикаторна. Сепак, во натамошниот процес, психотерапијата е таа која нуди простор за постигнување интеграција на доживувањата и емоциите предизвикани од трауматичниот настан, како значаен дел од надминувањето на состојбата. Ова главно се случува преку поддршката од ближните и учеството во психотерапија. Сепак, колку и да е полезен процесот на психотерапија, значајно е да се нагласи дека во него личноста треба да се вклучи на доброволна основа, во спротивно не би имала ефект. Личноста може да биде поттикната и охрабрена да преземе таков чекор, но сепак таа ја носи крајната одлука.

Зошто некои луѓе после трауматичен настан доживуваат ПТСД, а некои не?

Не секоја личност која минала низ трауматско искуство развива ПТСД. Дали ќе дојде до развој на ваква состојба зависи од бројни фактори – структура на личност, историја на проблеми со ментално здравје, поддршка од блиските и семејството, претходни животни искуства, моментално ниво на стрес, природата на трауматскиот настан итн. Исклучителниот д-р Габор Мате, во врска со ова вели дека траумата не е она што ни се случува нам, туку она што се случува во нас, како резултат на недворешните случувања. Дополнително,  траумата во својата суштина ја објаснува како дисконекција од себеси (одвојување од непријатните доживувања и содржини). Токму затоа и третманот во својата суштина вклучува повторно контктирање со себеси и интегрирање на одвоените делови од себе, низ човековиот контакт и поддршка, во атмосфера на прифаќање, доверба и емпатија.

Како може да помогнеме доколку некоја блиска личност се соочува со ПТСД?

– Најбитно е да покажеме разбирање за состојбата на личноста, низ поддршка и љубов, онолку колку што можеме да пружиме. Ние кога се соочуваме со огромна количина на болка кај најблиските, нивната болка тешко ја оделуваме од нашата, а неретко, колку и да сакаме да помогнеме, остануваме со чувството на збунетост и немоќ. Токму затоа се нагласува и потребата од помош од обучен професионалец кој има објективен пристап.

Покрај ова, значајно е да не се трудиме со сила да ги скратуваме кај блиската личност преживувањето и изразувањето на непријатните емоции по настанот, наспроти нашата силна желба да ја надминат состојбата и да се чувствуваат подобро што поскоро. Во секој случај, некогаш и самото наше присуство и отвореноста да ни се доверат, придонесува многу во целата ситуација.

Дали постои начин кој може да ни помогне да се заштитиме себеси од можно ПТСД во нашиот живот, или сепак, тоа е нешто кое што не можеме да го контролираме?

Ние не можеме во целост, некогаш и воопшто, да ги контролираме настаните кои се случуваат надвор од нас. Кога не можеме да ги менуваме работите околу нас, тогаш се обидуваме да ги менуваме и регулираме перцепциите, мислите и доживувањата во нас. Но кога стресорот е многу интензивен, во моментите на неговото делување, тоа и не е така едноставно.  Работата на својот личен развој, која ни ја шири свесноста, зајакнува капацитетите и подобрува контактот со себе и другите, не може да нè зашитити сосем од непријатни доживувања, реакции, расположенија и состојби, но може значајно да ни помогне за полесно справувањето со непријатни случувања кога тие ќе се случат. Покрај личниот развој, од особено значање е и негувањето на автентичен, искрен, емпатичен човеков контакт, кој доколку е соодветно изразен, во себе содржи огромна моќ, меѓудругото, за ослободување од стрес, поддршка и трансформација.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *